Шпанците кренаа глас: Вардар должи тон пари на Канељас, Македа, Раул, Парондо...

РК Вардар почна да покажува знаци на живот, носејќи дури две нови засилувања во Ристовски и во Мишевски, но дури и да се насмевнува иднината, таа не може да блесне во цела светлина, ако уште ве бркаат сенките на минатото. А Вардар има бајаги тешки бремиња од последниве неколку години, барем ако се суди по острите изјави на неговите поранешни играчи Жоан Кањелјас и Хорхе Македа, како и екс-тренерите Раул Гонзалес и Роберто Парондо.

Шпанците веќе не се воздржуваат да зборуваат и да се пожалат дека Вардар и Сергеј Самсоненко уште им должат пари. „Мундо Депортиво“ ги контактирал сите четворица и објави текст во кој ги истакнува долговите на Вардар и аномалијата на ракометот како спорт, кој дозволува да има „шампион без пари“.

„Со две титули во последните три години, Вардар Скопје испиша успешна приказна, но нејзините темели исполнети се со долгови, неисплатени средства и неисполнети ветувања“, почнува текстот во „Мундо Депортиво“.

Хорхе Македа и Жоан Кањелјас си заминаа од Вардар во 2018 година, но уште чекаат неисплатени плати. Рекле дека само за нив двајца се собрале околу 125.000 евра неисплатени долгови од Вардар.

„Првата година си ги исполнија обврските, но од втората веќе исплаќањето почна да доцни и на крај стана како снежна топка, која само продолжува да расте. Ни велеа да не се грижиме, но секогаш доцнеа. Имавме трпение повеќе од кого било. Тоа е комплицирано прашање, така што дојдовме до ситуација или да преземеме нешто или сè ќе си остане исто“, рече Македа, кој играше во Вардар од 2015 до 2018..

Кањелјас вели дека не се само тие двајца, туку имало и други ракометари кои си заминале од Вардар, а чекаат пари.

„Вардар должи многу пари. Нè има неколку играчи во таа ситуација. Таму ти плаќаат, колку што тие сакаат. Со години ни ветуваа дека ќе бидеме исплатени, но уште ништо немаме видено. Последниот пат ни рекоа дека сè ќе ни биде исплатено до крајот на последниот јануари, но уште еднаш без резултат“, вели Кањелјас.

Проблемот на играчите е тоа што постои слаба регулатива од ЕХФ во вакви ситуација и слаба поддршка за нив, како што велат. Но, од друга страна, тие двајца не се ни обратиле до ЕХФ, се уште верувајќи дека Вардар ќе ги исплати.

„Она што ми пречи најмногу е дека тие не ни плаќаат, а ЕХФ воопшто не се вмешува, како другите спортски федерации, на пример. Оваа пасивност на ЕХФ фрустрира малку, бидејќи страдаат играчите и другите клубови: Вардар стана шампион на Европа без да плати. Затоа е нашиот бес, ова ги боли играчите и ракометот генерално. Официјално, ние не сме се пожалиле до ЕХФ, бидејќи се надеваме дека ќе ни биде платено и уште им веруваме, но трпението се троши“, истакнува Македа.

Нешто помеки се двајцата шпански тренера, кои го кренаа пехарот во Лигата на шампионите во 2017 и во 2019 година.

„Веруваме на зборот на претседателот, но тој ни нема платено сè што ни должи до денес. Комплицирана е ситуацијата, ракометот, обично, ги има овие проблеми. Се случи со Вардар, се случувало и во други клубови, кои покривале дупки колку што можеле, не е ‘нож до коска’. Јас уште му верувам на зборот. Не знам дали ќе ни плати, времето работи против нас, но додека постои Вардар, постои и надеж“, вели Раул, кој замина во ПСЖ, најбогатиот клуб во светот, за кого исто се предвидуваат финансиски земјотреси.

 „Проблемот во нашиот спорт е што никој не имгарантира на играчите и на тренерите дека ќе си ги соберат парите, немаме регулатива како фудбалот или кошарката“, додава Парондо, повторувајќи го горкиот проблем на нивниот спорт.

Од ЕХФ велат дека за следната сезона во сила ќе стапи нов договор, кој ќе се грижи за односите меѓу клубовите и играчите

„Најлошата работа која може да се случи е клуб регистриран во Лигата на шампионите да не ја доврши сезоната. Нормално е клуб да има долгови, но не кој играчи. Ова мора да биде решено. Новиот договор исто така вклучува поголема одговорност од клубовите. На пример, не можеме повеќе да дозволиме секој да си игра по свое. Сите знаеме дека Вардар е клуб кој веќе ‘умре’ три-четири пати, но сепак ја освои Лигата на шампионите двапати и успеа да исплати дел од платите кои ги должи со парите од наградите. Тоа е комплицирана тема и виновни сме сите по малку“, потврдуваат од канцелариите на ЕХФ во Виена.

ЕХФ и Форум клуб хендбол (асоцијацијата на европски клубови), работеле заедно за да воспостават ригорозна контрола врз клубовите.

„Ова е нашата главна грижа и затоа создаваме систем со кој ќе има контрола на буџетите и на финансиските состојби во секој клуб. Исто така, има разговори за потенцијални гарантни фондови, но нема конечен договор“, велат извори на „Мундо депортиво“.

Еден нивен колега, Марија Хозе Лопез, ја споредува оваа ситуација со допинг. Додека тој го поттикнува телото и неговите преформанси, ова е економски допинг, кој го става клубот во предност, пред останатите.

„Клубовите кои се задолжени, всушност користат економски допинг, создаваат неизлечива ситуација и, криејќи се во економските проблеми, добиваат прошка од федерациите и остануваат во игра. Тоа се клубови престапници, поради спортски долгови, кои продолжуваат да играат, кога, всушност, се измама. Ова мора да биде искоренето. Начинот на којшто функционира Вардар се совпаѓа со овој опис. Тоа е непочитување на играчите, тренерите, гледачите, противниците дури и на целата Лига на шампионите. Барселона е директна жртва бидејќи падна пред Вардар во полуфиналето при освојувањето и на двете титули.“, вели Лопез.