„Се чувствувам како еден од вас - Македонец, возбуден за мечот на сезоната!“

Ракометарите на Вардар се возбудени за дуелот со Кил, в сабота од 17.30, но изгледа дека и тренерот, Давид Писонеро е со висок адреналин пред соочувањето со еден од најголемите клубови на денешницата.

Шпанскиот тренер рече дека ова е тежок натпревар како и тие претходно, меѓутоа ова е натпревар на сезоната, за разлика од нив, таков кој може да пресуди на крајот на табелата.

„Ова е многу важен меч за нас. Ова е првиот натпревар  на сезоната. На пример, против Монпелје беше тежок, но не беше како овој, меч на одлука. Кил е во многу добра форма во моментов, гледав  некои нивни натпревари деновиве и мислам  дека се подобри од пред месец и пол кога игравме со нив на Супер глоуб. Тие ја почнаа сезоната пред нас, но и ние напреднавме оттогаш. Сега играме пред домашна публика и јас се чувствувам како еден од нив, како Македонец кој е возбуден за натпреварот на сезоната“, изјави Писонеро.

Тој е во Скопје од средината на јули, но веќе „му легна“ начинот на живот овде. Како и своите претходници и тој учи македонци и веќе почна очигледно да разбира кога му се обраќаат на македонски. Веројатно, нема да помине долго кога ќе почне и да зборува, но важно е дека уште сега се чувствува како еден од нас.