Расистички навреди и сочни пцовки во шпанската тренерска војна во Полска (ВИДЕО)
Првата „Света војна“ сезонава, како што се нарекува ова дерби во полскиот шампионат, заврши со победа на домашната Висла со 29:25, но ја одбележаа работи кои немаат врска со ракометот. Поранешниот вардарец, Хорхе Македа, доби син картон поради гризење на босанскиот репрезентативец, Мирсад Терзиќ, а жестоко беше и во пресметката помеѓу шпанските стратези на двата тима.
Од Висла тврдат дека нивниот шпански тренер, Чави Сабате, го слушнал противничкиот тренер, Талант Дујшебајев, како му вика: „Кучкин сине, ќе те убијам!“, а потоа и го плукнал. Од Киелце, пак, ја претставија другата страна на приказната, тврдејќи дека Дујшебаев бил испровоциран и дека одговорил на расистичката навреда на Сабате, кој наводно го нарекол „кинеска курва“. Дујшебаев е натурализиран Шпанец роден во Киргистан и кој важи за еден од најдобрите ракометари на сите времиња.
За малку ќе дојдеше до физички конфликт меѓу тренерите, а ги раздели и Сандро Мештриќ, голманот на хрватската репрезентација и на Киелце. Видеото од конфликтот меѓу Сабате и Дујшебаев можете да го погледнете ТУКА. Киелце по мечот објави и соопштение во кое се пожали на расистичките навреди на тамошните навивачи, пред се упатени кон црномурестиот француски ракометар Дилан Нахи, додека од друга страна Висла објави дека Сабате решил овој конфликт да го изнесе на суд за да ги „заштити своите права“.