Првиот човек на ФИБА Европа се налути: Не може 13 клуба да одлучуваат за европската кошарка

Шпекулациите дека НБА ќе влезе во европската кошарка стануваат се погласни и на сите им е јасно дека овој спорт ќе доживее големи промени во блиска иднина.

На оваа тема зборуваше и претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса кој во интервју за Марка ја искритикува актуелната состојба во Евролигата. Двете организации имаат големи несогласувања поради што пред се страдаат репрезентациите, како и кошаркарите поради пренатрупаниот распоред.

„Верувам дека 13 клуба не можат да одлучуваат за судбината на 600 клуба на континентот. Има многу различни мислења на оваа тема, сметам дека репрезентациите и националните лиги се важни за кошарката. Не можеме да се договориме за многу работи, но мораме за календарот“, рече, меѓу другото, Гарбахоса.

Познато е дека евролигашките клубови немаат обврска да ги пуштаат своите кошаркари да играат за репрезентациите, па во квалификациите за големите натпреварувања, најчесто настапуваат третокласни играи кои во нормални услови не би биле ни на поширок список. Ако НБА влезе во европската кошарка, тоа сигурно ќе биде преку ФИБА.