Пелистер му го нанесе првиот гостински пораз на лидерот
Битолчани денеска пред своите навивачи го совладаа ТФТ со 91-82 со што на лидерот на табелата му го нанесоа вториот пораз сезонава, а прв на гостински терен. Натпреварот имаше интересен тек и многу осцилации на двете страни, а потоа и неизвесен финиш.
По израмнетото прво полувреме, Пелистер ја презеде инцијативата во третата четвртина и од минута во минута го зголемуваше своето водство. Тие 10 минути домашниот тим ги доби со 30-17, па по три период имаше огромно водство од 69-53. Во последмната четвртина ги достигна и највисоките +18 (77-59), но иако многумина помислија дека тука е крајот, драмата допрва претстоеше.
Со серија од 15-2, ТФТ се доближи на 74-79, а подоцна и на 77-81, на нешто повеќе од две минути пред крајот. Сепак, последниот чекор изостана, Пелистер одигра неколку добри напади кои ги заврши со кошеви и на крајот дојде и до убедлива победа со која ја продолжи доминацијата во дуелите со ТФТ на домашен терен.
Бојиќ со 23 поени беше најдобар кај Пелистер, Стајиќ додаде 16, а Антоан 15. Кај ТФТ, Хотон беше убедливо најдобар играч со 18 поени и 13 скока, а тотално разочара Говенс кој иако постигна 14 поени, осум од нив беа од линијата за слободни фрлања, а од игра шутираше 3/14.