Дерби на Монжуик: Симеоне никогаш не ја победил Барса во Каталонија, Гризман никогаш не ѝ дал гол

Вечерва во 21 часот, на Олимпискиот стадион во Барселона се игра дербито на 19. коло од Ла Лига во кое се среќаваат водечките две екипи на табелата Барса и Атлетико Мадрид.

Звучи неверојатно податокот што екипите во дуелот влегуваат со израмнет број бодови (38), ако се знае дека пред нешто повеќе од еден месец, Барселона имаше +13 во однос на денешниот ривал. Во последните шест кола Атлетико освои максимални 18 бода, додека Барса дојде до само пет и притоа победи едвај еднаш, на гости кај Мајорка.

Моментот е далеку на страната на Атлетико, но затоа традицијата ја фаворизира Барселона, пред се поради главните личности во противиничкиот табор. Диего Симеоне е тренер на Атлетико точно 13 години (од 23 декември 2011), неговиот биланс против каталонскиот тим е катастрофален, но најинтересно делува податокот што никогаш не ја победил Барселона во Каталонија, без разлика дали е тоа Камп Ноу или Монтжуик. На вкупно 17 меча во сите натлреварувања, најдолговечниот тренер во Ла Лига во моментов има 10 порази и 7 нерешени резултати.

Слична традиција има Антоан Гризман кој дел од својата професионална кариера помина токму во Барселона и не се прослави. Францускиот интернационалец досега 15 пати играл против Барса и никогаш не успеал да постигне гол. Интересно е тоа што Гризман погодувал против 29 од 30 екипи против кои што играл во Ла Лига, единствената на кого не ѝ дал гол е Барселона.