Еден од македонските претставници во ЕХФ-купот, екипата на Бутел Скопје, дебитираше со победа на европска сцена и тоа со необичен резултат во модерниот ракомет.

Бутел го совлада Запорожје со 18-14 во првиот од двата нивни дуела за пласман во третото квалификациско коло од ЕХФ-купот.

Резултатот е како во натпреварите од пред две или три децении, без многу ракометна убавина, но со многу борба и цврстина во играта. Одбраната на момците на Кристијан Грчевски беше перфектна и во првиот дел, кој заврши со 8-7 и во вториот, во кој создадоа разлика за комотната победа.

Украинскиот тим се држеше на минимална негатива 50-тина минути, но тогаш Бутел, предводен од Мирко Мајиќ во нападот направи серија од 4-0 и првпат на натпреварот дојде до плус четири, 17-13. Со оглед на малата ефикасност, во преостанатите три минути беа постигнати по еден гол на двете страни за конечни 18-14.

Ова значи дека на реваншот во Украина, на 13 октомври, Бутел може да си дозволи да загуби со три разлика, иако нискиот број голови вечерва од „Кале“ му гарантираат дека и пораз од четири гола ќе му донесе вкупна победа во двомечот и пласман во третото квалификациско коло од ЕХФ-купот.

Во ова натпреварување Македонија ги има и Металург, кој поради својот рејтинг чека противник во 3. квалификациско коло и Пелистер, на кого му се даваат малку шанси против Винтертур. Првиот меч, во Швајцарија, се игра утре во 17 часот.