Поради АЕК, Охрид и Олимпијакос ќе играат без гостински навивачи!

Ракометниот клуб Охрид соопшти дека четвртфиналните натпревари против Олимпијакос во рамките на ЕХФ Европскиот куп ќе се играат без гостински навивачи.

Причината е немилите настани кои се случуваа во финалето меѓу Алкалоид и АЕК кога поради гостинските навивачи вториот меч не се одигра.

Со цел да се избегнат слични инциденти, Охрид и Олимпијакос се договориле двата меча да бидат организирани без гостински навивачи.

Соопштението на РК Охрид ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани симпатизери, навивачи на ГРК ОХРИД и љубители на ракометната игра!
Имајќи ги во предвид немилите настани кои се случија за време на одигрувањето на финалниот натпревар во ЕХФ Купот во натпреварувачката сезона 2024/2025 кој требаше да се одигра во Скопје помеѓу екипите на РК Алкалоид од Република Македонија и РК АЕК од Република Грција, а кој поради веќе познати причини не беше одигран, Ве информираме дека по барање на Европската Ракометна Федерација, ГРК Охрид и РК Олимпијакос по меѓусебната комуникација овие минати денови, а со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучија дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи и симпатизери на натпреварите на кои ќе се јават како организатори од четврт-финалната фаза на ЕХФ Европскиот Куп.
ГРК Охрид ќе биде домаќин на вториот ¼ финален натпревар, кој ќе го одигра против екипата на РК Олимпијакос на ден 04.04.2026 година во 18.00 часот во СРЦ Билјанини Извори Охрид.
Сите во сала, сите за историја, сите за Охрид!“, се вели во соопштението на македонскиот клуб.