Мусовски: Мајка ми и татко ми ќе плачат кога ќе го облечам дресот на Македонија!

Ако го побарате малото крушевско село Бучин на мапа, ќе ви излезат само неколку обележја - црквата Рождество на Пресвета Богородица, болницата и, ако зумирате малку повеќе – игралиштето за мал фудбал пред спортската сала во срцето на селото.

Но, за новопечениот македонски репрезентативец, Дени Мусовски, токму тоа игралиште значи многу повеќе од точка на мапа. Таму се создадени спомени што не избледуваат. Секое лето, како тинејџер, доаѓал во Македонија – не само како гостин, туку како некој што повторно го открива својот дом. Од куќата на неговата баба, веднаш до црквата, па сè до игралиштето – тоа била неговата секојдневна рутина. Едноставна, но исполнета.

Мусовски е роден во САД, но воспитуван во духот на две култури тој растел со Македонија во себе. Јазикот, семејството, приказните – сето тоа оживувало токму во тие летни денови поминати во Бучин. И токму таму, меѓу децата од селото, на малото игралиште, почнал вистински да ја чувствува тежината на фудбалот.

„Цело лето, јас и мојот помал брат само игравме фудбал со локалните деца и тогаш видов колку сериозна е фудбалската култура во Македонија. Секоја недела имаше футсал-турнири, групи од момци одеа од село во село, а целото место се собираше навечер да гледа натпревар на тоа мало игралиште. Беше неверојатно да се види, на едно мало ниво, колку фудбалот значи за луѓето и колку е длабоко вкоренет во културата“, раскажува Мусовски

Тие вечери, тие натпревари, тие луѓе – не биле само дел од едно лето. Биле негово прво вистинско „крштевање“ во македонскиот фудбал. Место каде што не се броеле само головите, туку и почитта што ја заслужуваш на теренот. И токму затоа, 15-тина години подоцна, повикот да настапува за Македонија значи нешто повеќе за него. За Дени тоа не е само спортска можност, туку е враќање кон корените. По сезоната во која блесна со 18 голови за Сиетл Саундерс, Мусовски конечно ја доби шансата да го облече националниот дрес. Следува бараж-дуелот со Данска, прва од двете потенцијални пречки на патот кон историскиот настап на СП 2026.

„Ќе биде нешто навистина посебно, веројатно и емотивно за мене. Имам 30 години, со долга кариера зад себе и да се избориш за настап за репрезентацијата е огромна чест – особено на ваков натпревар. Ова не е пријателски меч, туку голем, значаен дуел. За мене и за моето семејство ова ќе биде огромен момент. Сигурен сум дека мајка ми и татко ми ќе плачат. Навистина ќе биде нешто посебно“, дополнува фудбалерот.

Мусовски првиот контакт со македонскиот национален тим ќе го има в понеделник, кога почнуваат подготовките, а неговите емоции ќе кулминираат на 26 март во Копенхаген кога се очекува за првпат да истрча на теренот во дресот за коj сонувал заедно со другарчиња од малото село Бучин.