Познати се полуфиналните двојки од одбојкарскиот Куп на Македонија
Во машка конкуренција ланските финалисти Штип УГД и Струмица 47&72 ќе имаат директен дуел во првиот полуфинален меч од финалниот турнир од Купот на ОФМ кај мажите. ГОК Борец и Работнички 71&22 ќе играат во вториот полуфинален натпревар.
Кај дамите бранителот на титулата Наковски Волеј ќе се соочи со Младост УГД во полуфиналето од Купот на ОФМ 2026, додека дебитантите Газели Волеј и Вардар ЕМ ќе ја сочинуваат другата полуфинална двојка.
Фајнл-фор турнирите ќе се играат од 26 до 29 март.
Тридневната куп-програма во СЦ “Јане Сандански“ во Скопје започнува со женските полуфинални дуели, кои се играат во четврток 26 март, каде во првото полуфинале од 17:30 часот играат Газели Волеј и Вардар ЕМ, додека од 19:30 часот ќе се игра дуелот кој ќе претставува „финале пред финалето“ меѓу Наковски Волеј и Младост УГД.
Ден подоцна, 27 март, во првиот полуфинален натпревар од 17:30 часот играат ланските финалисти Штип УГД и Струмица 47&72, додека во вториот меч од 19:30 часот ќе се соочат ГОК Борец и Работнички 71&22.
Победниците од овие натпревари на 28 март (сабота) ќе играат за куп-титулата. Финалето во женска конкуренција е закажано за 17:30 часот, додека традиционално машкото финале, од 19:30 часот, ќе го затворат финалниот турнир од Купот на ОФМ 2026.
Полуфинале мажи 27.03.2026
17:30ч. Штип УГД – Струмица 47&72
19:30ч. ГОК Борец – Работнички 71&22
Полуфинале жени 26.03.2026
17:30ч. Газели Волеј – Вардар ЕМ
19:30ч. Наковски Волеј – Младост УГД
Финален ден
17:30ч. Финале жени
19:30ч. Финале мажи