
„Пелистер станува подобар, во иднина дома ќе можеме кој било да добиеме во ЛШ“
Словенечкиот среден бек вели дека ова е најдобриот натпревар откако дојде ова лето, а играњето пред домашната публика било од голема помош.
„Знаевме што значи Кил во ракометот, најдобар тим во Европа. Мислам дека одигравме еден од подобрите натпревари откако сум јас во екипата. Вистина е тоа што го рече тренерот, сосема нова е екипата, не се познаваме доволно, ни треба време да се воиграме и мислам дека тоа ќе си дојде. Минатата недела загубивме од Алборг, а сега беше многу подобро. Се надевам дека така ќе биде и во иднина и дека во ЛШ ќе можеме да го добиеме кој било на домашен терен, бидејќи пред ваква публика е многу лесно да се игра“, вели Тајник.
Конкретно, за денешната средба со Кил, смета дека малку и среќата играла улога.
„Денеска одигравме едно 50 минути одлично, но една грешка решава такви натпревари. Ако го погодевме зицерот, ако го погодевме пеналот, ако не беше таа техничка грешка, тогаш мечот би отишол во наша корист. Така што, решаваше една топка, за жал таа замина кај Кил. Се надевам дека ќе биде подобро.“, дополни најкорисниот играч во словенечката лига од пред две сезони, кој денеска постигна еден гол.