Пеколен испит: Червар и Пелистер пред (не)возможна мисија во Германија!

Ракометарите на Пелистер ги очекува нов сериозен предизвик на меѓународната сцена, каде што во рамките на третото коло од групната фаза во Европската лига на ЕХФ ќе му гостуваат на германскиот претставник Гумерсбах (18.45 часот).

Македонскиот вицешампион патува со желба за изненадување и да стигне до првата победа во ова натпреварување, иако домашниот состав ја носи апсолутната фаворитска улога, особено по последното издание на гостински терен. Битолчани досега освоија еден бод, откако по поразот дома од шпанска Ла Риоха (24-31) извлекоа реми на гостувањето кај Гдањск (31-31). Германците, пак, сезоната ја почна со неочекуван пораз пред своите навивачи од Гдањск (34-38), но веднаш потоа се рехабилитираше со важен триумф на гостувањето кај Ла Риоха (34-30).

Ситуацијата во групата по две одиграни кола ветува неизвесна борба, што му дава огромна важност на секој следен резултат. Лидерската позиција моментно ја држи полски Гдањск со три бода, Гумерсбах и Ла Риоха имаат по два, додека Пелистер е со еден бод.