Милосављев: Ми годи споредбата со Штербик, но треба уште да се докажувам!

Вардарци на најубав можен начин покажаа дека заминувањето на Штербик, Циндриќ, Абутовиќ, Македа, Кањелас, Марсениќ нема толку драстично да се почувствува, па сето тоа го надополнија Дејан Милосављев, Сташ Скубе и останатите во пресметката со европскиот владетел.

Вчеравечер црвено-црните славеа на гостувањето кај актуелниот европски првак Монпелје со 27-24 и најави дека и сезонава нивните навивачи можат да очекуваат и да се надеваат на големи дострели.

Еден од најдобрите поединци на паркетот беше голманот Дејан Милосављев, кој брилјираше на голот, а дури во една иста акција имаше три одбрани.

Тој е задоволен од својот настап и очекува уште многу во иднина, но свесен е дека за да го достигне нивото на Арпад Штрербик треба уште многу да работи.

„Пресреќен сум поради победата во Монпелје, пред сѐ поради тоа што многу луѓе не очекуваа многу од  изменетиот Вардар, а ние со нашата борба и квалитет докажавме дека сме подготвени за големи натпревари. Ми годи тоа што ме споредуваат со Штербик, но одигран е само еден натпревар во ЛШ и мислам дека морам уште многу да се докажувам за да ме споредуваат со една таква легенда. Верував од првата минута дека ќе победиме, сега ни следат други натпревари во ЛШ и во СЕХА лигаѕа и очекувам уште вакви мои добри настапи, а и на тимот генерално“, изјави Милосављев за Спорт1.

Ракометарите немаат многу време за славење, а уште помалку за одмор. Во понеделник се среќаваат со Стеауа Букурешт во СЕХА лигата.

Што се однесува до Лигата на шампиони, Вардар в сабота е домаќин на Кристијанштад, кој пак загуби од Мешков Брест на домашен терен.