Охрид ќе бара од ЕХФ да ја исправи грешката на РФМ!

Еден од најуспешните македонски клубови во прекинатата сезона во ракометната Суперлига, ГРК Охрид, потврди дека ќе бара од ЕХФ вајлд-карта за настап во евро-конкуренциите, откако оваа привилегија му беше скратена со административната распределба на позициите за Европа од РФМ.

Охрид ќе бара од европската куќа на ракометот да игра во квалификациите од новоформираната Европска лига, во сезоната 2020/21. Клубот од „Билјанини извори“ очекуваше дека ќе добие ваква шанса по редовен пат, преку македонската Суперлига, меѓутоа РФМ реши да ја поништи сезоната, а распределбата на европските визи да ја направи според пласманот од минатата сезона.

Тогаш Охрид не беше во европска зона и затоа извиси, без разлика што во прекинатата сезона 2019/20 одигра извонредно, заостанувајќи само еден бод зад првопласираниот Металург и, на пример, шест повеќе од Бутел, на грб на ланската сезона повторно доби место во Европа, а сезонава беше четврти.

Раководството на Охрид мораше да се „преброи и пресмета“ пред да донесе одлука да се обрати до ЕХФ, бидејќи по одлуката на РФМ за распределба на местата во Европа, разочаран се откажа првиот спонзор, компанијата „Галеб“. И покрај тоа, Охрид сочува голем број од ракометарите кои играа и минатата сезона, а на клупата останува и тренерот Раде Стојановиќ.

Од македонските екипи веќе сигурно место во Европа имаат Вардар (Лига на шампионите), Еурофарм Пелистер, Металург и Бутел. Е. Пелистер, сепак, ќе чека дали ЕХФ ќе му додели вајлд-карта за ЛШ или ќе игра во новата Европска лига.