Официјално одложен: Вардар и Пик Сегед нема да играат в четврток!

Втора недела по ред ракометарите на Вардар ќе гледаат Лига на шампионите само на телевизија. Нивниот натпревар на гости кај Пик Сегед, кој требаше да се игра в четврток од 18.45 часот е официјално одложен.

Клубот ја потврди оваа информација на својата официјална фан-страница на Фејсбук, а се чекаат детали од ЕХФ и потенцијален нов датум за одигрување на дуелот.

Причина за одложување е фактот што Пик Сегед има седум активни случаи на заразени играчи со коронавирусот, последниот дијагностициран во средата, по мечот со Кјелце. Згора на тоа има и уште тројца повредени, па на ЕХФ ѝ беше лесно да се реши да почека со одигрувањето. 

Ваквата одлука можеше да се насети уште утрово, кога Вардар го откажа тестирањето на ракометарите, кое беше задолжително ако сааат да патуваат надвор од земјава. Ова е втор одложен натпревар од ЛШ за Вардар, откако минатото коло не се одигра дуелот со Елверум, во Скопје, на барање на норвешкиот тим.