Невиден пресврт во Кристијансанд: Вчера банкрот, денеска - спас!

Поранешниот троен освојувач на ракометната Лига на шампионите во женска конкуренција Кристијансанд Вајперс успеа да се спаси од банкрот и ќе продолжи да егзистира.

Денеска на Инстаграм осамна порака „Спасени сме!“ откако вчера клубот објави банкрот и истапување од Лигата на шампионите. Во вчерашното соопштение пишуваше дека сите ракометарки и вработени во клубот се слободни да најдат нова средина, но очигледно сите ќе продолжат да функционираат заедно.

„Чудо се случи, ние сме спасени“, напиша претседателот на клубот Петер Гитмарк на социјалните мрежи.

Идниот понеделник ќе биде избран нов управен одбор кој ќе продолжи да го води клубот. Засега е непознато дали ЕХФ ќе го остави Кристијансанд во Лигата на шампионите откако вчера со соопштение објави дека овој клуб е дисквалификуван поради финансиски проблеми.