Празник на ракометот во Скопје: Алкалоид-Пелистер, па Вардар-Порто

Два ракометни спектакла се на програмата вечерва во главниот град, еден од домашното првенство и еден од Европската лига на ЕХФ.

Ракометниот празник почнува во 19 часот во Автокоманда со репризата од финалето на Купот и од Суперкупот на Македонија. Единствениот непоразен тим во елитната конкуренција Алкалоид, ќе го пречека бранителот на титулата во првенството Пелистер во надеж дека ќе ја продолжи победничката серија и ќе се задржи на чело на табелата.

Алкалоид сезонава не само што нема пораз во домашниот шампионат, туку не е совладан на ниеден официјален натпревар и се наоѓа во серија од девет победи. На почетокот од сезоната триумфираше во Суперкупот на Македонија, токму против Пелистер, потоа оствари низа од седум победи во првенството, за во саботата да го совлада Драгунас Клаипеда во Европскиот куп. Пелистер не може да се пофали со такви резултати бидејќи од почетокот на новата сезона не победи на ниеден значаен натпревар. Во Лигата на шампионите освои само еден бод, загуби од Алкалоид во спомнатиот меч од Суперкупот, како и во големото дерби против Вардар во Скопје. Денешниот дуел во Автокоманда е шанса за за битолчани да се вратат во колосек, но евентуален пораз дополнително ќе ја расипе атмосферата и во клубот и меѓу навивачите.

Веднаш по завршувањето на мечот во Автокоманда, во „Јане Сандански“ од 20:45 часот е дуелот од третото коло на ЕХФ Европската лига меѓу Вардар и Порто. Македонскиот претставник се надева на втор триумф, по оној против Валур во второто коло, но има големи проблеми во играчкиот кадар бидејќи нема да играат Борозан, Хориха и Пинто, а Јагуриновски не е во полн тренажен процес последните денови.

Победа на овој меч е од исклучително значење за Вардар кој има можност да му избега на три бода предност на денешниот ривал ако се знае дека Порто во минатото коло ремизираше на гости кај Валур.