Ансу Фати има сериозен проблем поради кој би можел рано да ја заврши кариерата

Пред пет години, Ансу Фати беше сензација на европскиот фудбал откако на 16-годишна возраст беше вклучен во првиот тим на Барселона и воодушеви во своите први настапи.

Неговата вредност во тој период се проценуваше на 80 милиони евра и сите прогнози беа дека еден ден ќе ја освои Златната топка. Прогнозите не се остварија, не поради тоа што Фати не е квалитетен фудбалер, туку затоа што влезе во големи проблеми со повреди. Денес има 21 година, уште држи некои рекорди во Барселона и во Лигата на шампионите, но вреди само 15 милиони евра, а најлошо е тоа што ниеден сериозен тренер на го сака во своите редови. Причините за тоа ги откри познатиот шпански новинар Чави Торес.

„Фати нема никаков проблем со ритамот, неговиот проблем се наоѓа на подрачјето на колената. Во два наврата му страдаа задните мускули на нозете и не сакаше да ги оперира. Сега не може да го контролира физичкиот напад и не може целосно да ја испружи ногата. Исто така, не е во состојба да направи 50 спринта во полна брзина, а тоа е нешто што му треба на секој првокласен напаѓач“, вели Торес.

Во текот на летото Фати се врати во Барселона од позајмицата во Брајтон, но досега запиша само два настапа со вкупно 99 минути во игра. Во неделата против Севиља беше стартер, но го напушти теренот во 74. минута.