Неславен крај на поранешниот македонски селектор

Иако беше доведен за да ја освои титулата во Лигата на шампионите, шпанскиот стручњак Раул Гонзалес ќе си замине од Париз без посакуваниот трофеј.

За осум години, колку што беше тренер на ПСЖ, тој не само што не успеа да дојде до титулата во елитното натпреварување, туку не го однесе тимот ни до големото финале и покрај тоа што четири пати стигна до завршниот турнир. Синоќа ПСЖ беше брутално елиминиран од унгарскиот Пик Сегед во осминафиналето од Лигата на шампионите и со тоа е ставен крај на сите надежи дека Раул Гонзалес ќе ја исполни главната амбиција.

Оваа сезона е последна за него на клупата на „светците“ бидејќи од лето ќе ја преземе српската ракометна репрезентација и целосно ќе се посвети на тој ангажман, односно нема паралелно да води клуб, како што практикуваат ракометните стручњаци. До крајот на сезоната Раул ќе се обиде барем да ја освои титулата во француското првенство и да ја продолжи низата бидејќи од доаѓањето во ПСЖ, секоја година се закитуваше со трофејот од тоа натпреварување.

Како негов најголем успех во кариерата, се уште е титулата во Лигата на шампионите, освоена со Вардар во 2017 година, а има и три трофеи од СЕХА лигата. Меѓу другото, две години беше и селектор на македонската репрезентација и тоа на почетокот од својот престој во ПСЖ.