Ненадиќ шоу во Келн - Веспрем е во финале!

Веспрем е првиот финалист во Лигата на шампионите, откако во полуфиналната битка со Кјелце славеше со 33-30

Веспрем делуваше подобро од почетокот на натпреварот, кога почна со 4-0 и го спречи Кјелце да постигне гол, до шестата минута, но Полјаците се вратија. Главната причина за тоа беше повредата на Арпад Штербик во 21. минута, по што Кјелце направи серија од 5-0 и во 25. минута поведе со 10-8.

На паузата беше 13-13, но Веспрем ја врати предноста и контролата на теренот некаде по десетина минути. Постигна четири гола едноподруго за да поведе со 22-18 во 42. минута. Миклер достојно го замени Штербик, со девет одбрани во 40-те минути кои му припаднаа (исто како и Штербик за 20 миунти), но главна ѕвезда на теренот беше Петар Ненадиќ.

Српскиот бек постигна 12 гола од 14 обиди, погодуваше од девет метри, од пробиви, од седмерци и беше незапирлив. Кјелце премногу се потпираше на Душебаев и на Циндриќ, кои заедно упатија 22 удари од 56-те на Кјелце. Душебаев постигна седум гола, Циндриќ пет.