Металург загуби во Лисабон - имаше сила едвај за едно полувреме

Македонскиот вицепрвак Металург со убедлив пораз тргна во новата сезона во послабата конкуренција во Лигата на шампионите, откако денеска загубија во Лисабон од Спортинг со 34-26, иако на полувреме младите и десеткувани металурзи имаа егал меч против португалскиот тим.

Металург дури и водеше во најголемиот дел од првиот дел, имаше и предност до два гола, но откако на паузата се замина со нерешен резултат 13-13, во вториот дел Спортинг заигра далеку подобро и ги искористи сите проблеми на Металург за да си ја запише воведната победа. Со серија 4-0 на стартот на вториот дел, Португалците исчекорија кон победата, а разликата постојано ја одржуваа на оваа дистанца се до завршните десет минути од мечот, кога од 27-23 за Спортинг до крајот со нова серија од четири гола 7-3 стигнаа до убедлив триумф со осум погодоци (34-26)

Металург во Лисабон дојде крајно десеткуван, без Филип Кузмановски, кој си замина од Автокоманда, како и без двајца повредени првотимци Велковски и Јагуриновски, па практично Данило Брестовац немаше многу опции за да се бори за подобар резултат. На крајот Марио Танковски со шест гола од шест обиди беше најдобар, а претивок беше Халил Јагањац со само два гола од три шута. Руесга и Роча со по шест гола беа предводници на Спортинг