Лук Абало ја продолжува кариерата поради коронавирусот

Легендарниот француски ракометар Лук Абало поради коронавирусот ќе го одложи пензионирањето.

Абало сакаше да се збогува со активното игрење ракомет по Олимписките игри во Токио ова лето, но сепак се предомисли. Тој вели дека не сака неговата последна сезона во кариерата да биде обележана со прекин поради коронавирусот , па затоа најави продолжување на кариерата за уште една година.

Сакам да ја променам одлуката. Не сакам да имам ваков крај, да ја прекинам кариерата поради заразата. Има време, но мислам дека ќе играм уште една година, истакна едно од најдобрите десни крила во историјата на ракометот.

На ракометарот на ПСЖ очигледно не му смета тоа што францускиот гигант за наредната сезона ќе има одлично решение на таа крилна позиција, бидејќи веќе е договорен трансферот на шпанскиот репрезентативец Феран Соле.

Абало беше дел од трофејната генерација на Франција, каде имаше голем придонес за освојувањето на двата златни олимписки медала, како многу медали од европските и светските првенства.