Лембанов: На Пелистер му се провлекоа грешките од минатото

Македонскиот првак Пелистер повторно падна на последната позиција на табелата во својата група од Лигата на шампионите откако синоќа загуби од Веспрем, а Фредериција ја победи Висла Плоцк.

Два дена по дебаклот од Алкалоид и тренерската смена, не можеше ни да се очекува нешто повеќе од пораз во дуелот со Веспрем. Тимот не успеа да го рехабилитира ни привремениот стручен штаб на чело со Звонко Шундовски и неговиот помошник Алексо Лембанов кој по натпреварот се појави на прес-конференцијата.

„Игравме против една од екипите која е фаворит за титулата во Лигата на шампионите. Чест беше за сите нас да играме против таков ривал и да покажеме тоа што знаеме. Времето беше кратко, во еден ден подготвувавме меч и заздравувавме од претходниот. Веспрем имаше добра транзиција од одбрана во напад и ни направи доста проблеми во таа транзиција, додека во поставена зона бевме сосема коректни. Повторно се провлекоа грешките од минатото, техничките грешки и загубените топки“, рече асистент во стручниот штаб на Пелистер.

Шанса за прва победа во Лигата на шампионите, битолскиот тим ќе има идната недела, на гостувањето кај Фредериција што ќе биде и директен дуел за пласман во плејофот од елитното натпреварување.