Пелистер се врати на победите и се „истури“ врз Радовиш

По поразите од Висла Плоцка и Веспрем во Лигата на шампионите, како и од Алкалоид во домашното првенство, Пелистер денеска го „истури бесот“ на Радовиш кој го победи со 22 гола разлика (45-23).

Фаворитот од самиот старт беше решен да не дозволи ниту најмала шанса за некакво изненадување и поведе со 5-0.

Доминираше битолскиот состав и од минута во минута предноста растеше па така на пауза заминаа со десет голови разлика (21-11). На двапати претходнп Пелистер водеше и со 12 разлика.

Ништо не се промени ниту во вториот дел, Пелистер не се откажуваше и беше решен да слави што поубедливо, па на крајот победи со 45-23. Најефикасен во редовите на Пелистер беше Цветан Кузманоски со девет гола, додека на спротивната страна Павле Петровиќ постигна осум погодоци.

На табелата Пелистер е второпласиран со 14 бода колку што имаат Охрид и Вардар, додека Алкалоид е лидер со 16. Но треба да се спомене и дека битолчани со денешниот имаат натпревар повеќе (9). Радовиш од друга страна е последен со само еден бод по девет кола.