Барселона се спаси од бламажа, Олимпијакос потона во Минхен

Екипата на Барселона изби на првото место на табелата во Евролигата откако вечерва по голема мака го совлада Асвел на домашен терен со 90-83.

Во најголем дел од натпреварот, „каталонците“ се наоѓаа во негатива, но во последниот период направија серија од 7-0 за водство од 83-79. Конечните +7 беа највисока предност за Барселона на овој натпревар, а повторно ситуацијата ја спаси Кевин Пантер кој беше најефикасен со 20 поени.

За разлика од Барса, Олимпијакос не успеа да се спаси од бламажа и загуби на гости кај Баерн со 80-84 и покрај тоа што по серијата од 15-0, првото полувреме го заврши со водство од 43-32. Германскиот шампион во вториот дел одигра многу поквалитетно, успеа да направи пресврт и да дојде до важна победа со која излезе пред својот вечерашен противник на табелата.

Олимпијакос не игра според очекувањата на стартот од сезоната и покрај тоа што пред нејзиниот почеток значително се засили и донесе голем број европски и светски ѕвезди. По пет кола е на биланс 2/3, а допрва му претстојат најтешките дуели, како оној против Реал во вторник.

РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче - Панатинаикос 76-81
Барселона - Асвел 90-83
Баерн - Олимпијакос 84-80