
Лазаров: Рунар игра многу брзо – би бил задоволен со секаква победа!
По елиминацијата на Баја Маре во четвртфиналето, тимот на Кире Лазаров се соочува со уште посериозен предизвик. Рунар веќе зад себе остави силни имиња како Целје, Олимпијакос и Бешикташ и покажа дека е тим со искуство и квалитет кој не треба да се потцени. Предводникот на „фармацевтите“ посочува дека клучот за успех ќе биде максимална концентрација и дисциплина во текот на целиот натпревар.
„Рунар игра динамично и брзо, со многу голови и без изразен лидер – секој нивни играч е закана по голот. Затоа е потребно да бидеме компактни и фокусирани на нашата игра. Како тренер би бил задоволен да имаме било каква позитива, макар и со еден гол, тоа би била наша значителна психолошка предност за реваншот. Колку и да победите на првиот дуел, морате да го одиграте и вториот меч на највисоко ниво за да стигнете до финале,“ вели тој.
Алкалоид во последните денови ја анализираше играта на противникот и ги фокусираше подготовките на сопственото усовршување – и во нападот и во одбраната. Лазаров дополнува дека и најмала предност од првиот дуел ќе биде вредна, бидејќи би можела да донесе психолошки бенефит пред реваншот во Норвешка наредниот викенд.
Иако времето за подготовка е ограничено по победата над Охрид, атмосферата во тимот е позитивна, а мотивацијата – на највисоко ниво. Сега, сè е насочено кон тоа, Алкалоид да ја искористи шансата и да испише ново златно поглавје во македонската ракометна историја.