Лазаров и другарите приредија сензација: Нант го урна Кјелце, оди во четвртфиналето!

Кире Лазаров доживеа неверојатна, спектакуларна ноќ за паметење бидејќи имаше два големи повода за славење. Покрај тоа што стана рекордер по број на настапи во Лигата на шампионите, неговиот Нант направи сензација, го елиминира Кјелце и се пласира во четвртфиналето.

Нант потсети кој е шармот на ракометот победувајќи го Кјелце среде Полска со 34-31, со што го анулира поразот од првиот круг, со 24-25, во својата сала. Уште од почетокот на мечот, Лазаров и соиграчите покажаа детерминираност да приредат изненадување, па го презедоа водството и константно имаа плус 2-3 гола. Дури и откако Кјелце се врати и изедначи на 11-11, Нант повторно ја презеде контролата и на пауза замина со 15-13.

Јасно беше дека фаворитот, предводен од Талант Душебаев не го кажал последниот збор и дека ќе биде уште поопасен во продолжението и така и беше. Со серија од 4-1 Кјелце поведе со 23-22, првпат на натпреварот, дури во 45. минута и само го подготви теренот за вистинска драма до крајот.

Кире Лазаров, кој беше релативно тивок дотогаш, стана човек на одлука во Нант и во последните десет минути од натпреварот директно влијаеше на пет круцијални гола. Два од нив постигна, за два асистираше, а за еден предизвика пенал, па Кјелце се врати во водство до плус два. Како отчукуваше часовникот, Кјелце имаше се помалку шанси, за на крај да капитулира и да му овозможи на Нант осминафинале со Веспрем, кој веќе има недостижни +11 против Вардар уште пред утрешниот реванш во Унгарија.

Лазаров постигна четири гола, а најефикасен беше средниот бек, Емерик Мин со осум. Кај Кјелце, Кулеш броеше до шест погодоци.