Ландин го однесе Кил на фајнлфорот во Келн – нов кошмар за ПСЖ

Германски Кил е нов европски кошмар за Пари Сен Жермен, откако со вечерашната победа со 33-32 го заверија последниот билет за фајнлфорот во Келн во Лигата на шампионите, после пласманот и на актуелниот европски првак Барселона денеска во реванш четвртфиналињата во европската елита.

Неверојатниот меч кој го судеше македонскиот двоец Ѓорѓи Начевски – Славе Николов го реши данската голманска ѕвезда Николас Ландин со двете интервенции во завршницата, прво на Ремили при 32-31, а потоа во самиот финиш откако Германците поради пасивна игра ја загубија топката, па им дадоа шанса во завршните секунди на парижаните да дојдат до израмнување и со повеќе постигнати голови на гости да одат на фајнлфорот.

Кил најмногу успеваше да избега до три гола предност, но ПСЖ се враќаше на достижни еден, кога во завршницата Магнус Ландин погоди за водство, братот Николас одбрани, па Вајнхолд даде гол за плус два (33-31) што на крај го реши мечот со одбрана на голманот на секунда пред крајот.

Јакобсен даде седум гола, Виничек и Рајнкинд дадоа по шест за Кил, додека Ремили со осум и Шипшак со шест беа најефикасни кај ПСЖ.