Кристијанштад со гол на осум секунди пред крајот го шокира Вардар
По израмнетиот почеток на мечот, Кристијанштад влезе во мини-серија од 3-0 за да поведе со 6-3. Вардар имаше неколку шанси да ја намали разликата и да израмни, но големиот број грешки во нападот скапо го чинеа скопскиот тим бидејќи домаќините на полувремето заминаа со водство од 14-11.
Вардар влезе во одлична серија на стартот во вториот дел и набрзо израмни на 16-16. Потоа се играше гол за гол сè до 42. минута, по што повторно Кристијанштад направи чекор напред и поведе со 24-21.
Македонскиот тим влезе во завршните пет минути од мечот со три голови негатива (26-29), меѓутоа избраниците на Иван Чупиќ успеаја набрзо да израмнат на 29-29 и да го внесат дуелот во драматична завршница.
Вардар во последните 30 секунди пропушти напад за водство, по што казната стигна преку Аксел Мансон на осум секунди пред крајот кога стрелаше за 32-31.
Најефикасен кај Вардар беше Дмитро Хориха со осум погодоци, додека Мансон запиша 13 голови за Кристијанштад. Одличен настап имаше и Милош Валак кој запиша дури 18 интервенции за скопскиот гигант.
Во вториот меч од групата Ф, Сесвете успеа да слави против Тулуз со 32-31.
По три одиграни кола, Кристијанштад е лидер со пет бодови, по што следи Вардар со четири поени и Сесвете со три бода, додека Тулуз е на дното без освоен поен.