Една од најлудите победи во историјата: Партизан за пет минути испушти +20, ама сепак славеше

Екипата на Партизан ја прекина серијата од четири порази во Евролигата откако вечерва на домашен терен го совлада Монако со 78-76.

Неверојатно звучи податокот дека „црно-белите“ славеа со само два поена разлика, ако се знае дека на седум минути пред крајот имаа +20 (74-54). Се чинеше дека конечно без проблеми ќе дојдат до победа во елитното натпреварување, но во следните пет минути Монако направи серија од 22-0 и го презеде водството, на запрепастување на домашните навивачи.

За среќа на Партизан, прво поентираше Покушевски за израмнување, а потоа Фернандо ги искористи слободните фрлања по неспортскиот прекршок на Тарпи. Во последните 103 секунди немаше поени, а Монако во финишот промаши три обиди за израмнување или победа.

За Монако ова беше четврти пораз сезонава, а прв по серијата од три победи. Францускиот прволигаш се наоѓа на петтото место, но далеку е од игрите од минатата сезона.