Кокшаров ќе дебитира без Горбок, со тројца голмани и незаздравен Стоилов

Ракометарите на Вардар ќе се обидат денеска на дуелот против Веспрем да го поправат впечатокот од минатата недела кога беа декласирани на домашен терен од Кил со 20-31.  

На овој меч свое деби ќе има Едуард Кокшаров, кој ќе го замени Писонеро на тренерската позиција поради катастрофата од минатата сабота. Инаку, за првпат сезонава во Лигата на шампиони е и голамнот Кизиќ, но прашање е дали ќе добие шанса на овој меч, бидејќи не блескаше на натпреварите од СЕХА лигата.

Затоа пак, се очекува конечно минутажа да добие капитенот Стојанче Стоилов, кој се врати по паузата поради повреда. Тој исто така беше во составот за минатиот меч, но не доби шанса поради тоа што е недоволно рехабилитиран од операцијата во јуни.

Голем хендикеп за „црвено - црните“ ќе биде и неиграњето на Сергеј Горбок, кој не ни отпатува во Унгарија поради повреда на еден од тренинзите неделава.

Дуелот помеѓу Веспрем и Вардар ќе стартува денеска во 17:30 часот.