И Пелистер „извиси“: Македонија дефинитивно без претставник во ЛШ!

Дури и минималните шанси кои му ги даваа на Пелистер да биде одреден како заменик на Вардар во Лигата на шампионите (ЛШ) денеска „паднаа во вода“ откако ЕХФ ги објави клубовите кои аплицирале за место во најквалитетното натпреварување меѓу кои ги нема битолчани.

Празнината што остана по елиминацијата на црвено-црните поради гревовите на стариот соственик на клубот нема да биде пополнета со конкретен клуб, на што се надеваа во Пелистер, но и во ППД Загреб, туку е додадено во делот на т.н. вајлд-карти.

ЛШ и во наредната сезона ќе брои 16 тимови, од кои девет места веќе се загарантирани и тоа за шампионите на најдобрите држави според ЕХФ-рангирањето, а меѓу кои се дански ГОГ, Барселона, ПСЖ, Магдебург, Кил од Германија како единствена земја со две загарантирани места), унгарски Пик Сегед, полско Кјелце, Порто и Динамо Букурешт. Од државите кои веќе имаат еден претставник во ЛШ, за второ место преку специјална покана аплицираат Алборг (Данска), Гранолјерс (Шпанија), Веспрем (Унгарија), Нант (Франција), Висла (Полска), Спортинг (Португалија) и Баја Маре (Романија).

Истовремено, шест тима од Лига Европа аплицираа за промоција во најдоброто европско натпреварување, меѓу кои се ППД Загреб, Елверум, Мотор Запорожје, Целје, Иштад и Шафхаузен.