Хрватски ракометар води битка со тешка болест (ВИДЕО)

Германскиот ракометен портал „Хендбол-Ворлд“ пишува дека хрватскиот репрезентативец Јосип Шарац води борба против тешка болест, но засега не се откриваат повеќе детали за неговата здравствена состојба.

Фриш Ауф Гепинген објави статус на социјалните мрежи со веста за Шарац која шокираше многумина во ракометниот свет.

„Пред краток период пристигна тажна вест до нас. Нашиот поранешен ракометар Јосип Шарац е тешко болен. За ракометот во овој момент не може да се размислува, рехабилитацијата е приоритет“, соопштија од германскиот тим.

Шарац минатото лето го напушти Гепинген по четири години и го облече дресот на Татабања, каде што веднаш го покажа својот квалитет.

На почетокот на декември доживеа повреда на раката во еден натпревар од Купот, а неговиот тим потоа објави дека станува збор за повреда на лигаментите.

Татабања потоа објави дека Шарац нема да се врати до крајот на сезоната, но не сакаше да открие детали за неговата состојба.

„Од здравствени причини оваа сезона не може да сметаме на Шарац. Неговото здравје е најважно во моментов“, соопштија од тимот.

Шарац во 2020 година заедно со Хрватска го освои сребрениот медал на Европското првенство (ЕП).