Голужа вели 28-27 за Вардар, Алтхаус 29-29: Славните го типуваат финалето! (ФОТО)

Организаторите на Ф4 во Келн, се сетиле да соберат група од 11 славни ракометари, ракометарки и тренери и веднаш по вчерашниот полуфинален епилог да ги натераат да типуваат за финалето. Претежно се Германци, но ние добро ги знаеме Славко Голужа и Ања Алтхаус. Тие се едни од ретките што сметаат дека Вардар нема да загуби.

Дури седум од 11-те типувачи сметаат дека Вардар ќе загуби. Најубедлива победа за Веспрем предвидува Мартин Швалб, тренерот кој со Хамбург стана европски шампион во 2013 година. Според него, Веспрем ќе победи со 31-26. Побеад на Унгарците очекуваат и поранешниот германски селектор Хајнер Бранд, поранешните негови репрезентативци Хенинг Фриц и Кристијан Шварцер и Шпанците Карлос Прието и Икер Ромеро.

Славко Голужа и Доминик Клајн се единствените кои веруваат во Вардар и тоа со идентичен резултат 28-27. Интересно, единствените девојки на оваа листа исто така имаат идентично типување. И за Едуарда Аморим Талески и за Ања Алтхаус, мечот ќе оди во продолжение бидејќи ќе заврши со 29-29.