Еурофарм си направи од готово - вересија и потона во Шведска!

Ракометарите на Еурофарм работник ќе продолжат да сонуваат прва победа во Лигата на шампионите, бидејќи загубија добиена партија во Шведска, против Савехоф. На полувреме водеа со плус пет, а на крај загубија со 24-25.

Со девет гола во едно полувреме не се победува во Лигата на шампионите, а македонскиот вицепрвак постигна толку во вториот полчас, откако првиот го добија со 15-10. Тогаш сѐ функционираше како што треба, водството беше константно на страната на Еурофарм, дури и се стабилизира на 3-4 гола, за на пауза да достигне највисоки пет.

Требаше да поминат 10 минути во второто полувреме за предноста на Еурофарм да исчезне. Швеѓаните го почнаа вториот дел со серија од 4-1, а потоа постигнаа и пет невозвратени гола, па во 45. минута веќе беше 20-18 за нив. Еурофарм се разбуди и почна да следи, но немаше сили за целосно враќање.

Во последната минута, домаќините им подарија напад за изедначување, но битолчани за неколку секунди го прокоцкаа со грешка во чекори. Ловро Јотиќ единствен функционираше на свое ниво, беше најефикасен со осум гола, по три дадоа Маџовски и Ѓукиќ. Следниот натпревар во ЛШ, Еурофарм работник го игра на гости кај Бидасоа Ирун, на 29 септември. Претходно на 23 ја пречекува Металопластика во СЕХА-лигата.