Еурофарм се опамети - ги поевтини влезниците за СЕХА и за ЛШ!

Неодамнешната одлука на управата на Еурофарм Работник, тим кој во иднина ќе се натпреварува под името Еурофарм Пелистер, за одредување на цената за индувидуалните билети за средбите од СЕХА на 250 денари донесе негодување кај ракометните вљубеници во Битола, поради што челниците на клубот решија да извршат корекција.

Од денеска, поединечните билети за средбите на битолскиот тим во регионалното првенство, но и во Лигата на шампионите ќе изнесува 150 денари, додека корекција има и за блок-влезниците односно се продолжува рокот на нивното траење, а со тоа се зголемува и фондот на средби кои ќе може да се проследат со нив.

„Во насока на продолжување на достојната презентација, а имајќи го в предвид чувството за важноста на моментумот, ве известуваме дека раководството на клубот донесе одлука со која во иднина ќе се намалат цените на влезниците за натпреварите на нашиот клуб. Со цел влезниците да бидат подостапни за нашите навивачи, одсега цената на билетот за поединечните натпревари ќе изнесува 150 денари.

Се разбира, при донесување на ваква одлука водевме грижа и за нашите најверни навивачи кои уште на почетокот на сезоната ги купија своите блок-билети и билетите за СЕХА и Лигата на шампионите.

Сите оние кои имаат купено БЛОК билети кои важат за првите десет натпревари од СЕХА и ЛШ по цена од 1.850 денари ги известуваме дека овие билети ќе им важат за сите натпревари на нашиот клуб до крајот на сезоната (меѓународни, плеј-оф Домашно првенство и Куп натпревари).

Сите наши навивачи кои имаат купено полусезонски билети за Лигата на шампионите или СЕХА лигата по цена од 1.000 денари, ќе бидат контактирани и ќе можат да изберат пет дополнителни натпревари до крајот на целата сезона за која ќе добијат бесплатни влезници“, велат од Еурофарм Пелистер.

Новите „правила на игра“ во делот на парчето хартија кое значи можност за влез во салата „Боро Чурлевски“ ќе важат веќе од неделниот меч на битолскиот тим од ЛШ против финската екипа Кокс.