Дебакл на Пелистер во Ирун, Бидасоа славеше со 12 разлика

Пелистер го претрпе третиот пораз во новата сезона од Евгропската лига и најави дека максимум во групата Д, веројатно, ќе биде четвртата позиција. На гостувањето во Ирун, кај Бидасоа, битолчани беа совладани убедливо, со 32-20.

Натпреварот беше рамноправен само 15-тина минута, кога Пелистер се уште имаше резултатски контакт до својот домаќин, со негатива од 7-8. Меѓутоа следуваа неколку лоши напади и три бргу примени гола, а не помогна ни тајмаутот на тренерот ларс Валтер, па на влезот од последните 10 минути во полувремето Шпанците веќе имаа 14-9. Наскоро нанижаа уште три гола во низа, а со помош на голманот Арбауи, уште на паузата нивната предност достигна седум разлика, 19-12.

Во второто полувреме не помогна ниту пристапот „7 на 6“ во нападот, Пелистер не можеше да го следи темпото кое го наметнаа домаќините, па финалниот резултат ја донесе и највисоката предност за Бидасоа. Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Хенеберг и Танкоски со по четири погодоци, а по три дадоа Пешевски и Василев, додека Кизиќ беше добар со седум одбрани.

И следниот, шести меч на битолчани е против истиот противник, но во салата „Боро Чурлевски“, идниот вторник. Дотогаш ќе останат на четири бода, зад Бидасоа која има шест. На останатите средби од групата, Агуаш Санташ и Мотор одиграа 26-26, па мрднаа од нула бодови, но ниедна не му се доближи на дофат на Пелистер. На врвот, Фуксе Берлин го победи Орхус Скандерборг со 30-24 и остана единствен тим со максимални 10 бода.