Червар разочаран по европскиот дебакл: Не заслуживме ништо повеќе од пораз!
Хрватскиот стратег призна дека Ла Риоха во текот на целиот натпревар била подобар противник и дека Пелистер не успеал да одговори на играта на шпанскиот состав.
„Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра. Го разбранивме нивниот голман. Дваесет одбрани во ракометот се навистина многу и тоа доволно говори за нашата реализација. Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините, а да одиграш ваков натпревар, навистина е тажно. Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани. Можеш да загубиш натпревар, тоа е спорт. Но важно е како ќе загубиш. Ако противникот е подобар, а ти се бориш до крај, тогаш му подаваш рака и му честиташ. Ние не заслуживме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да прибегнам кон игра што не ја сакам, но бевме во ситуација во која баравме било каква шанса да се вратиме. Искрено, поразот можеше да биде и поубедлив“, додаде тој.
По неуспешниот старт, Пелистер нема многу време за поправање на впечатокот. Во следното коло од Европската лига, кое е закажано за 6 октомври, битолчани ќе гостуваат кај Гдањск во Полска. Полскиот состав во првото коло приреди изненадување и славеше на гостувањето кај Гумерсбах, па Пелистер ќе има дополнителен мотив да стигне до позитивен резултат.