
Чаирчанки „откажани“ од Европа уште на првата средба со Венло
Во салата „Автокоманда“, попладнево Венло го откажа Чаир од каква било надеж, совладувајќи го со 39-26. Холандскиот тим одигра во силно темпо уште од почетокот, поведувајќи со 6-1, потоа и со 10-2 уште пред 15. минута.
Сето тоа му даде насока на натпреварот, создаде дополнителен притисок за домашните ракометарки и беше јасно дека ова е натпревар со еден можен епилог. По првото полувреме беше 19-10 за Холанѓанките, Чаир пружи некој отпор во првите десетина минути од второто, но главно разликата во него беше двоцифрена.
Марија Николовска и Теодора Дукоска со по шест гола беа најефикасни кај Чаир, додека средниот бек на Венло, Лисане Крајсвајк беше ноќна мора за чаирчанки со 11 гола од 12 обиди. Реваншот во Холандија е на 30 септември.