Цехте го започна новиот предизвик, се врати во Бундеслигата

Eден од најважните ракометари на Пелистер, Нејц Цехте кој пред неколку дена си замина од Битола, денеска и официјално беше промовиран за нов ракометар на Фуксе Берлин.

Со бундеслигашот Цехте стави потпис на договор во наредните шест месеци и ќе биде регистриран за настап во сите конкуренции.

„Се радувам што ќе бидам дел од овој одличен тим, возбуден сум и сакам да помогнам да ги остварам целите на клубот. За мене ова е следен чекор во кариерата“, порача Цехте по потписот.

За него исто така трансферот претставува враќање во Бундеслигата бидејќи во минатото четири сезони беше дел од Хановер.

Во Фуксе Берлин од репрезентативецот на Словенија очекуваат да биде адекватна замена за повредениот Фабијан Вајде кој предвреме ја заврши сезоната.