Ние сакаме да ни паднат Украинците, а и тие да играат со Македонија – на УЕФА е да аминува!

Македонската фудбалска репрезентација влегува во утрешната ждрепка за плејофот за СП 2026 како еден од најпосакуваните противници од четвртиот шешир, најмногу поради дебаклот против Велс (1-7) во Кардиф.

Ваков расплет не е нов за „црвено-жолтите“, бидејќи и во претходниот циклус во баражите влеговме како аутсајдер, но приредивме сензација со елиминацијата на Италија, пред да бидеме запрена во финалето од Португалија. Наши потенцијални ривали за полуфиналниот меч (26 март) се Италија, Данска, Турција и Украина. Според македонската јавност, најповолен избор на хартија би била Украина – како поради нивото на противникот, така и поради фактот што натпреварот би се играл на неутрален терен.

Но, интересно е што и украинската јавност го дели истото мислење. Анкета на најголемиот спортски портал во земјата покажува дека дури 46,2-отсто од гласачите ја сакаат Македонија како ривал во полуфиналето, додека најмал интерес (11,7 проценти) има за дуел со Шведска.

Сега е на УЕФА да ја „исполни“ нашата и нивната желба на утрешната ждрепка.

ФОТО: EPA PHOTO