Бодови кои мора да се освојат: Еурофарм нема избор против Татран!

Еурофарм работник веќе го скрши мразот и ја запиша првата победа во Лигата на шампионите, но сега треба да освојува бодови и да не се плаши да посегне кон високи амбиции, односно по едно од првите две места во групата Ц. За таков епилог, натпреварите како денешниот во салата „Боро Чурлевски“ (17ч.) се задолжителни за добивање, бидејќи противник е последнопласираниот Татран Прешов.

Кога еднаш ќе го почувствувате вкусот на победата - нема назад. Така треба да биде и со битолската публика која ќе бара победа на денешниот меч со Татран Прешов. Резултатите од досегашниот дел од сезоната покажуваат дека македонскиот вицепрвак е јасен фаворит за победа. Овде не зборуваме само за бројот на победи, туку и за поразите кои за Еурофарм претставуваа пропуштени шанси.

Оваа денешната мора да биде искористена со два бода, туку и јасна победа, далеку посигурна од она треперење против фински Кокс, кој исто така е екипа со понизок квалитет од македонската. Во тимот на Стевче Алушовски се враќа десниот бек Невен Стјепановиќ, кој беше повреден, а толку значаен додека играше. Тоа ќе додаде на ширина и на убоитост на Еурофарм, кој полека ги средува своите редови и ги отстранува осцилациите од играта.

Татран, од друга страна, ајде што ги изгуби четири од четири во ЛШ, веќе не е оној доминантниот и во домашното првенство, што самото по себе е доволен индикатор за неговиот скромен квалитет. Во последното коло, едвај победи со 30-29 на гости кај Слован Сала, а во колото пред тоа дома одигра нерешено 26-26 против Посавска Бистрица. Има неколку играчи со долгогодишно искуство во СЕХА-лигата, но сепак, лимитирани капацитети и во нападот и во одбраната.