Битолчани оптимисти: Се надеваме на изненадување против Татабања!

Еурофарм Работник се подготвува за дуелот од второто коло во Б-групата на ЕХФ-купот против Татабања, а битолчани се полни со оптимизам пред големиот предизвик.

Тренерот на битолската екипа, Ѓорѓе Чираковиќ верува во неговата екипа и се надева дека може да направат изненадување.

„Еурофарм е екипа која е во процес на создавање. Сите противници имаат ист тим како минатата година, а токму тоа е нашиот проблем. Јас верувам во нашата екипа и се надевам дека може да ги изненадиме, иако тие со триумфот против Веспрем покажаа каква екипа се. Чурлевски и Петровски се неизвесни за мечот, додека Пецаковски и Стјепановиќ тренираат нормално“, вели тренерот на Еурофарм.

Ракометарот на Еурофарм, Филип Кузмановски го пофали својот противник, па порача дека со помош на публиката би можеле да постигнат позитивен резултат.

„Со мислите сме на мечот со Татабања. Тие се квалитетен тим, па знаеме дека нема да ни биде лесно, но со помош на публиката се надеваме на добар резултат“, вели Кузмановски.

Еурофарм го игра својот дуел против Татабања во недела со почеток од 19 часот.