„Беспарицата во Вардар нѐ зближи сите, дишеме како еден!“

Откако ја изнасмеа цела Хрватска со одговорот на прашањето „Со што го раните Криштипанс“, хрватскиот интернационалец во Вардар Иван Чупиќ, по триумфот на Загреб во првиот осминафинален меч од ЛШ, доби уште едно, далеку понезгодно прашање од првото.

- Не се тајна гласините дека финансиската ситуација во вашиот клуб не е сјајна, но тоа воопшто не се приметува по вашите игри во Лигата на Шампионите, констатираше новинарот на ХТВ.

„Што да правиме, што можеме ние тука...? Се трудиме, си ја работиме својата работа, клубот си ги брка своите задолженија, нивната работа. Ние играчите сме среќни што играме во голем клуб каков што е Вардар... Ние сме ептен добра „клапа“, сите тие проблеми нѐ зближија, дишеме како еден, се дружиме бајаги и надвор од паркетот. Работа ни е да играме за Вардар, за нашиот клуб, се надевам дека ќе можеме вака уште неколку месеци“, рече Чупиќ.

Хрватот е еден од многумината за кој се шпекулираше дека е на излезна врата од Вардар, а за тоа каков ќе биде црвено-црниот клуб во иднина коментар завчера даде и рускиот интернационалец Тимур Дибиров.

„Нема да си одат многу играчи, туку многу важни. Меѓутоа што да правиме, тоа е спортот и секогаш треба да одиме напред. Сакале или не, Вардар мора да биде ист без секој од нас, тоа го покажавме и минатата и оваа сезона, можеби ќе го покажеме и следната. Во прв план е клубот, кој секогаш треба да оди напрад. Да, за жал заминуваат големи играчи, но никој од нас не треба да размислува дека не може без некого. Вардар може без сите, можеби тоа не ни е праведно и не е тоа што го сакаме, но наше е да се бориме Вардар да остане институција, за играчите, за навивачи, за сите“, се изјасни Дибиров.