Уште сега во четврт-финале: Вардар го здроби Загреб со 9 разлика!

Ракометарите на Вардар уште во првиот натпревар со Загреб обезбедија предност, која им гарантира пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Среде „Арена“ му одржаа лекција по ракомет на хрватскиот првак декласирајќи го со 27-18

Доминацијата на Вардар беше насекаде низ теренот и во секој елемент од играта, уште од првата минута. На Загреб му требаа точно седум за да го постигне првиот погодок, кога веќе беше 3-0 за Вардар. Само цврстата и агресивна игра, со многу фаули го спречуваше Вардар поведе посериозно и да постигне повеќе голови. Во 15. минута беше 5-3, а до 26. веќе 12-5. Одбраната на Вардар беше беспрекорна, Загреб не само што не наоѓаше пукнатина за шут, туку и кога ќе успееше да се закани, Дејан Милосављев беше последната пречка. За 30 минути запиша шест одбрани, со неверојатни 50 проценти успешност.

Загреб, практично, половина од првото полувреме беше отсутен, бидејќи во периодот од 13. до 28. минута постигна само еден погодок. На паузата беше 14-6 за Вардар, а Загреб малку живна во првите минути од вториот дел. До 40. направија 6-3 и го намалија резултатот на 17-12. Играа поорганизирана одбрана, нешто налик на рефлексија на онаа со која Вардар ги парализира во првиот дел: 6-0 зона длабоко излезена со играчите на позиција 2 и 5 активни напред.

Вардар бргу се рекуперира од овој мал застој, па продолжи да ја гради предноста. Се врати на осум разлика во 46. минута (21-13), а првпат поведе со двоцифрена дистанца во 51. минута, кога беше 25-15. Во завршницата, Роберто Парондо поштеди дел од играчите и им даде шанса на Кисељев, Поповски, Војводиќ и на Гедбан, но и тоа многу не ја смени состојбата на семафорот.

Дејан Милосављев заврши со 14 одбрани и 45-процентна успешност, а кај стрелците се истакнаа Криштопанс и Карачиќ со по пет гола, Мораес постигна четири. Извонредна партија пружи и Дисингер, не само поради трите гола, туку поради извонредниот придонес во одбрана.

Со оваа победа, Вардар, речиси, си обезбеди место меѓу најдобрите осум во ЛШ, сепак ќе треба да го потведи на 30 март, во „Јане Сандански“. Ако не се случи колосална сензација, во четвртфиналето ќе игра против победникот од Пик Сегед - Висла Плоцк.