Пелистер пркосеше, но немаше сили за сензација против Магдебург (ФОТО)

Македонскиот првак Пелистер го доживеа седмиот пораз сезонава во Лигата на шампионите, но како и многу пати претходно, остави одличен впечаток.

На гости во Битола беше бранителот на континенталната круна Магдебург кој славеше со 31-26, но ни оддалеку не беше доминантен како што тоа се очекуваше и беше најавено пред натпреварот. Точно е дека победата на големиот фаворит во ниеден момент не беше доведена во прашање, но Пелистер не му дозволи да се прошета на овој меч.

Магдебург отвори со 4-1 и тоа за некои беше најава за убедлива победа. Сепак, Пелистер брзо го врати ударот и намали на само еден гол негатива за првата посериозна предност гостите да ја направат во 21. минута кога поведоа со 13-8. Пелистер се избори за 12-15 на голем одмор, а највисоката предност Магдебург ја достигна во 46. минута кога отиде на 23-16.

И повторно Пелистер не дозволи противникот да отиде на превисока разлика, девет минути подоцна беше 28-24, разлика која до крајот Магдебург успеа да ја зголеми за само уште еден гол.

Манасков и Радивојевиќ беа најефикасни кај Пелистер со по пет гола, Кузмановски постигна четири, а Тајник, Хенигман и Хосни завршија со по три. Јенсен со шест гола беше најефикасен играч на мечот. Митревски беше мошне солиден на голот, со 11 одбрани.