„Може да си оди кој сака, Вардар повторно ќе остане - институција!“

Како рефлексија на минатата пролет, кога зборуваме за иднината во Вардар, прва тема се заминувањата од клубот. Веќе потрвдено е дека си одат Игор Карачиќ и Рожерио Мораес, а Даинис Криштопанс потпиша за ПСЖ од сезоната 2020/21. Сепак, еден од столбовите во тимот, Тимур Дибиров, вели дека не е важно кој игра, а кој си оди - важен е Вардар.

Игор Карачиќ ќе оди во Кјелце, Рожерио Мораес во Веспрем, Даинис Криштопанс е договорен со ПСЖ од летото 2020 (ако не замине порано), а веќе се шпекулира за трансфери и на Иван Чупиќ и на Вуко Борозан.

Вардар веќе беше во ваква ситуација минатата сезона, кога на излезна врата беа шест ракометари, плус тренерот Раул Гонзалес. Тоа не пречеше да се пласира на Ф4-турнирот во Келн и, што е уште поголемо изненадување, да одигра одлична сезона од септември наваму. 

Тимур Дибиров уште тогаш велеше дека и овие што се останати се Вардар и дека јавноста треба да им верува, оти ќе го држат клубот на високите европски гранки. Сега, кога навјаса нов бран заминувања, неговиот став е цврст како никогаш. 

„Нема да си одат многу играчи, туку многу важни. Меѓутоа што да правиме, тоа е спортот и секогаш треба да одиме напред. Сакале или не, Вардар мора да биде ист без секој од нас, тоа го покажавме и минатата и оваа сезона, можеби ќе го покажеме и следната. Во прв план е клубот, кој секогаш треба да оди напрад. Да, за жал заминуваат големи играчи, но никој од нас не треба да размислува дека не може без некого. Вардар може без сите, можеби тоа не ни е праведно и не е тоа што го сакаме, но наше е да се бориме Вардар да остане институција, за играчите, за навивачи, за сите“, се изјасни Дибиров.

Тој и соиграчите заминаа за Загреб, каде што утревечер (20.30) ќе го одиграат првиот осминафинален натпревар.