Бабиќ: Тажен сум за поразот, но горд на храбрата игра

Еурофарм Пелистер денеска го одигра својот прв официјален натпревар сезонава и прв по цели осум месеци. Битолчани беа поразени на гостувањето кај Гудме со 30-29 во рамки на 2.коло во Европската лига. 

Тренерот Жељко Бабиќ нема за што да им замери на неговите ракометари и изјави дека е горд на храбрата игра.

„Тажен сум, но во исто време и многу горд што мојот тим одигра храбро. Бевме цврсти во одбраната и одлично се снаоѓавме во некои ситуации. За да се одигра цел натпревар на ниво, потребна е голема доза на концентрација. Имавме шанса за реми, но домашниот голман  се испречи пред тоа. Ова е наш прв официјален натпревар по пауза од осум месеци, но задоволен сум од настапот. Мора да го пофалам нашиот втор голман, кој денес беше одличен. Се надевам дека ќе биде подобро на следните натпревари“, изјави на прес-конференцијата тренерот на „пелистерци“.

„Среќен сум што пак играме ракомет, но и тажен заради поразот. Ја почитувавме тактиката да играме бавно, да ги забавиме домаќините и заслуживме да освоиме барем бод. Но, ова е само почеток и верувам дека ќе имаме уште многу можности“, рече Јосип Периќ.