Алушовски: Да освоиме, барем, три пехари со Вардар оваа сезона!

Се истрошија деновите од зимската пауза, Вардар за четири дена ќе му гостува на Кил во првиот натпревар од пролетната половина од сезоната во ракометната Лига на шампионите. Во меѓувреме, на кормилото на клубот дојде нов тренер, Стевче Алушовски, кој немаше претерано време за да менува во тимот, но доволно да го запознае и да почне да станува дел од него.

Алушовски се чувствува почестен што ја има оваа улога и што може да води ракометни асови од највисок калибар. Не го загрижува ниту состојбата во Вардар, ниту тешките противници во групата, само посакува да нема повреди, за да можат без пречки да покажат што знаат.

„Поминаа три недели со оваа група, прво, големи луѓе, потоа извонредни играчи. Јас и тогаш кажав, ќе кажам и сега, задоволство ми е и уживам во секој тренинг со нив. Мислам дека добро се подготвуваме, дека ќе имаме добра полусезона. Искрено се надевам дека ќе нè одминат повредите, во моментов имаме некои проблеми, Шишкарев има воспаление на уво, не знаеме дали ќе игра против Кил. Меѓутоа, што е тука е, ќе се обидеме да завршиме на што подобра позиција во групата и кога ќе дојдат елиминациските натпревари, сите здрави, да оствариме што поголем резултат“, изјави Алушовски.

Toj има 47 години, уште млад како тренер и допрва со простор за надградба пред себе. Откако ги водеше двете битолски екипи, добива шанса, за која сонуваат тренерите и вели дека и самиот учи со тимот секојдневно. За да додава свој печат на Вардар, веројатно ќе треба малку повеќе време.

„Секако дека да се биде тренер на европскиот првак е голем предизвик, обврска е, бара многу посветеност и работа. Мора да се обрне внимание на секој детаљ пред секој натпревар. За мене лично ова е своевидна награда за она што го направив во тој краток период во Пелистер и во Еурофарм. Тука сум, сакам да учам, секој ден сум со момците за што побргу да видиме што и како се нашите најсилни страни. Немаме многу време да менуваме, па затоа задржавме скоро 90 проценти од стариот систем и нешто малку додадовме. И за мене е голем предизвик и обврска“, продолжи некогашниот репрезентативец на Македонија.

Веќе играше против Вардар како предводник на Еурофарм и беше блиску до победа, но не успеа во тоа. Сепак, вели дека да се игра против Вардар не е ништо во споредба со обврската да се води ваков тим.

„Секако дека потешко е да го водите овој Вардар. Многу полесно е да играте против него и да пробате да го победите. Е овде нема пробување, мора да победите на секој натпревар. Тешко е да се бранат титулите кои Вардар ги освои минатата сезона, но се надевам дека најмалку три повторно ќе бидат освоени оваа година“, си посака Алушовски.

Вардар е акутелен првак на Македонија, СЕХА и на Европа, но тој го презеде среде најслабата сезона во последните 4-5 години, барем во ЛШ, на шестата позиција во групата со осум противници меѓу кои нема правила и секој може против секого. Гостувањето во Кил ќе биде прв од четири натпревари наизменично, дома и гости. Желбата е да се напредува од ова шесто место, барем едно погоре.

„Имаме четири натпревари до крајот на групната фаза, прво овој со Кил во среда на гости, потоа ни доаѓа Мотор на домашен терен, па одиме во Порто и доаѓа Монпелје. Сите четири натпревари се неизвесни, секој може сè. Денес нема слаби противници, нема слаби екипи и не можете однапред да кажете против никој дека ќе победите.  Според мене, најсреќен би бил доколку добиеме полесен противник од другата група за осминафиналето, а потоа во четвртфиналето се вратиме со противник од оваа група. Тоа се некои мои размислувања и на клубот“, истакна новиот вардаров тренер.

Вардар патува за Кил в понеделник, а мечот во „Шпаркасен арена“ е закажан за среда во 19 часот.