Алкалоид првиот чекор кон бесмртноста го прави вечерва во Атина!

Екипата на Алкалоид вечерва ќе го одигра првиот финален натпревар од Европскиот куп на ЕХФ и тоа против АЕК во Атина (18 часот), што за „фармацевтите“ е прв чекор на патот кон бесмртноста.

Тимот од скопска „Автокоманда“ со самиот пласман во битката за трофејот влезе во историјата како петти македонски клуб што играл европско финале - по Вардар, Пелистер, Кометал Ѓорче Петров и ЖРК Вардар. Патот до последната пресметка не беше лесен – македонскиот тим елиминираше пет противници и тоа Драгунас Клаипеда (Литванија), Вест Виен (Австрија), Бриксен (Италија), Баја Маре (Романија) и Рунар (Норвешка). Сето тоа го постигна со млад состав и покрај отсуството на неколку клучни играчи, вклучително и повредениот среден бек Марко Митев, за кого сезоната е завршена.

Спротивно на тоа, АЕК Атина настапува со тим речиси целосно составен од странски играчи – дури 16 од 19 ракометари не се од Грција. Тимот го предводи искусниот француски тренер Фредерик Бужан, кој од 2024 година е на кормилото по децениско искуство во женски ракомет. Неговата екипа на патот до финалето ги победи Јуниор Фасано (Италија), Ловќен (Црна Гора), Крка (Словенија), Партизан (Србија) и Извиѓач (БиХ), а најголемиот предизвик го имаше против Партизан, кого го елиминира дури по изведување пенали.

Вечерашниот меч се игра во салата „Ано Лиоси Арена“, попозната и како Сунел Арена, која беше дел од Олимписките игри во Атина во 2004 година. Денес таа има капацитет од околу 9.000 гледачи и најчесто се користи за кошаркарски натпревари. Во неа, во минатото, гостуваше и македонската репрезентација, која во 2014 година ја победи Грција во квалификациите за Светското првенство во Катар.

Предвиден е пренос на МТВ од овој натпревар, како и од реваншот закажан за следниот викенд во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.